Сестрата на лондонски џихадист најде сличност во гласовите на братот и лицето од видеото на IS

Сестрата на лондонскиот исламист Абу Румајзи, роден како Сидарта Дар, смета дека има одредена сличност во гласот на нејзиниот брат и маскираниот маж кој говори во последното пропагандно видео на екстремната сунитска организација Исламска држава (IS), на кое е прикажана егзекуцијата на пет лица обвинети дека „шпионирале за Велика Британија“, што британскиот премиер Дејвид Камерон го нарече „очајнички потег“.

Image

„Мислам дека гласот звучи помалку како неговиот. Но тоа може да биде и некој друг, а тој (братот) може да го синхронизирал гласот од кадарот“, изјави за британските медиуми во понеделникот Коника Дар, која живее во северниот дел од Лондон. Сепак, таа вели дека маскираниот маж на снимката најверојатно не е нејзиниот брат, споредувајќи ги очите и веѓите, како и градбата на лицето од видеото.

„Но доколку, не дај Боже, тоа е тој, тогаш јас лично ќе го убијам“, додава Коника, признавајќи дека веќе повеќе од година нема никакви вести со братот кој потпаднал под влијание на исламистичката идеологија и воопшто не знае каде сега се наоѓа тој.

Исламска државата објави во неделата видео со егзекуција на пет луѓе кои ги обвинува дека се „британски шпиони“, како „предупредување“ до премиерот Дејвид Камерон. На видео снимката се прикажани петте мажи облечени во портокалови комбинезони, кои џихадистите ги обвинуваат дека се шпиони на разузнавачките служби на Велика Британија. Според Исламската држава работеле организирано и испраќале „во странство“ фото и видео материјали од сирискиот град Рака, која се смета за престолнина на нејзиниот „калифат“. Пред извршувањето на егзекуцијата, еден од маскираните милитанти вели дека видеото е „порака за Дејвид Камерон“ вели маскираниот со британски акцент и британскиот премиер го нарекува „идиот“ и „роб на Белата куќа“.

Видеото кое од џихадистичките страници го пренесе американскиот ресурс за следење на исламистичките страници SITE, започнува со признанието на петте мажи од Рака, самопрогласената престолнина на калифатот на Исламската држава во Сирија, дека се шпиони. Притоа истиот маскиран џихадист вели дека нив ги „напуштила британската влада“.

„Тоа е очајнички потег на организацијата која ги изведува најужасните активности, кои се достојни за најголем презир“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон во понеделникот и додаде дека „тоа е организација којашто губи на теренот“.

„Тие не нé мрзат поради тоа што го правиме, туку поради тоа кои сме и што сме, бидејќи сме успешна, толерантна, демократска, мултиетничка и мултиконфесионална нација. Нашите вредности се многу посилни од нивните. Можеби ќе потрае, меѓутоа ќе бидат поразени“, порача Камерон.

Но на истото видео е снимено и дете на околу петгодишна возраст, коешто исто така зборува со британски акцент, облечено во камуфлажна униформа на Исламската држава и со лента на главата иста каква што носат возрасните припадници на оваа терористичка група, забележува во извештајот SITE.

Џихадистот кој учествува во егзекуцијата и ги упатува навредите на адреса на британскиот премиер Камерон, британските медиуми веќе го нарекоа „новиот Џихади Џон“, според 27-годишниот британски државјанин Мухамед Емвази, кој обезглавува западни заложници на претходни пропагандни видеа на Исламската држава. Во ноември минатата година Емвази бил ликвидиран во прецизен воздушен удар на американско беспилотно летало за време на заедничка операција на Лондон и Вашингтон.

Британските разузнавачки агенции сега работат на утврдување на идентитетот на маскираното лице од последното џихдистичко видео, како и да го лоцираат.