Вардар и Веспрем ремизираа 30:30 (13:12), во еден од двата дерби натпревари, кои во вторникот беа на програмата во СЕХА лигата.
Натпреварот во „Јане Сандански“ немаше никакво резултатско значење, бидејќи од претходно беше познато дека на крајот од регуларниот дел на сезоната Веспрем ќе биде прв, а Вардар втор.
Поради тоа двата тима одиграа без никаков притисок, а и двајцата тренери не сакаа да ги отријат сите карти, со оглед на тоа дека е можно соочување на овие два тима во финалето на СЕХА лигата и во четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Веспрем малку подобро влезе во мечот, поведе со 1:3 и 2:4, во шестата минута, но Вардар бргу возврати и го сврти резултатот на 8:5 во 14-та и 9:6 во 19-та минута. Потоа следува серија 1:5 на унгарскиот тим и водство 10:11 во 26-та минута.
Сепак, до крајот на полувремето Вардар возврати речиси со иста мерка за предност 13:12.
Почетокот на второто полувреме им припадна повторно на Унгарците, за осум минути игра серијата 1:5 им донесе предност 14:17.
Вардар успеа да израмни на 19:19 во 41-та минута.
До крајот на мечот се водеше голема борба, која во последните 20 секунди можеше да ја реши Илиќ за Веспрем, кога погоди за 29:30, но Брумен на четири секунди до крајот погоди за 30:30.
Циндриќ и Дибиров постигнаа по шест голови за Вардар, Шишкарев погоди четири пати, а по три гола реализираа Шпанците Македа и Душебаев. Веспрем го предводеа Илиќ со 10 голови и голманот Миклер со 13 интервенции.