СЗО е за возрасна класификација на „тутунските филмови“

Владите би требало да донесат одлука за зголемување на возрасното ограничување за филмовите со сцени во коишто се ужива во тутунските производи, смета Светската здравствена организација (СЗО – WHO), со објаснување дека тутунската индустрија таквите филмови ги користи во маркетиншки цели поради што повеќе од третина од младите почнуваат да пушат.

Image
Во извештајот под наслов „Smoke-Free Movies“, СЗО наведува дека 44 отсто од холивудската продукција и 36 отсто од филмовите со ознака за возрасно ограничување за помлади од 18 години во 2014 година содржеле сцени во кои некои од ликовите пушеле.

Според истражувањето спроведено во САД, речиси 40 отсто од адолесцентите почнуваат да пушат, бидејќи на тоа ги поттикнале сцени на уживање во тутунски производи кои ги виделе во филмовите, а во тоа предничат европските филмови, предупредуваат од СЗО.

Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC), се проценува дека во 2014 година, поттикнато од филмските сцени и ликови, почнале да пушат околу шест милиони адолесценти.

Се проценува дека предупредувањето на Здружението за класификација на филмовите само во Америка би можело да се спречат милион смртни исходи предизвикани од болестите коишто ги причинува пушењето кај денешните деца и адолесцентни, проценуваат во СЗО.

Слично предупредување оваа организација на Обединетите нации издаде уште во 2009 година, но светските влади го занемарија, се истакнува во најновиот извештај.

„Поради бројните предупредувања во еден период е евидентирано помалку филмски сцени во кои ликовите пушат, но тутунската индустрија цело време настојува да пронајде алтернативни начини за промоција на своите производи. Во некои филмови процентот на сцените во кои се ужива во тутунски производи е многу поголем отколку во реалните животни ситуации“, тврди др Армандо Перуга од СЗО.

Организацијата смета дека тутунските компании не би смееле да ги спонзорираат сцените во коишто ликовите пушат и дека на големите екрани не би смееле да се прикажуваат брендовите цигари. Сметаат и дека пред почетокот на прикажувањето на филмовите во кои ликовите пушат, би требало да се емитуваат спотови во кои на младите им се упатува силна порака за штетноста од пушењето.