Создадена бактерија со најмалку гени

Научниците направија уште еден чекор во постојаните настојуваа да ја разберат генетската основа на животот, откако тимот предводен од американскиот генетичар Крејг Вентер во лабораторија создаде полусинтетичка функционална бактерија со само 500 гени, се вели во студијата објавена во списанието Science.

Image

Оваа бројка гени е помала од која и да е досега кај позната бактерија во природата, се истакнува во прилог на BBC. Научниците велат дека нивната цел е да ги поместат границите во фундаменталното знаење, што би можело да доведе до создавање нови лекови и други хемиски супстанции.

„Нашата долгорочна визија е да се создадат синтетички организми на коишто ќе можете да им додадете специфични функции. Сметаме дека тие клетки би биле многу полезни во многубројни индустриски примени, од медицината до биохемијата, биогоривата, исхраната и земјоделието“, вели Даниел Гибсон, коавтор на студијата.

По низата обиди и промашувања, модифицираната бактерија Микоплазма или Син 3.0 (Mycoplasma односно Syn 3.0) може да живее со само 473 гени, половина помалку од дивиот вид од оваа бактерија и околу 50 гени помалку во однос на сродникот Mycoplasmа genitalium која има најмалку гени од сите независни организми познати на науката.

За споредба, сложените организми, како што се растенијата и животните, имаат по десетици илјади гени коишто управуваат со нивните животи.

Од 473-те гени, 149 се целосно непознати за научниците и не се знае за што служат, па сега се спроведуваат истражувања за да се пополни таа празнина.