Спајк Ли и Пинкет Смит ги бојкотираа Оскарите

Режисерот Спајк Ли и актерката Пинект Смит објавија во понеделникот дела ќе го бојкотираат годинешното доделување на најпрестижните филмски награди Оскарите, што ќе се одржи во февруари, бидејќи ниеден афроамерикански актер не е номиниран за награда, а втора година по ред црните актери ги нема меѓу номинираните во ниедна категорија.

Image

Инаку годинава ќе биде третпат од 1998 година само бели актери да се на листата со имиња на дваесетте номинирани за четирите награди: за најдобар актер и актерка и за најдобра машка и женска споредна улога.

„Како е можно втора година по ред сите дваесет номинирани во актерските категории да се белци?! А воопшто да не навлегуваме во другите категории. Четириесет актери во две години и ниеден афроамерикански. Ние не знаеме да глумиме?“, изјави прославениот црн американски режисер Спајк Ли.

Пинкет Смит, сопруга на пославниот Вил Смит, исто така, ќе го бојкотира доделувањето на признанијата на 28-ми февруари во Лос Анџелес. „Мораме да се заземеме за самите себеси, да ја покажеме нашата сила. Не можеме да питаме и да молиме да нé признаат, тоа го урива достоинството“, порача актерката.

Американските академија за филмски науки и уметности (AMPAS) признава дека постои проблем. Нејзината Черил Бун Ајсак вели дека AMPAS внела некои промени за да ја поттикне разноликоста. „За жал, промените не доаѓаат онолку брзо како што би сакале. Мораме да сториме повеќе“, вели Ајсак, која и самата е афроамериканка. Додава дека „срцето ѝ било скршено“ и оти е фрустрирана од тоа што годинава нема разноликост на белите и црните меѓу номинираните.

Полемиката за недоволноста расна застапеност во Холивуд се разгоре и пред доделувањето на најзначајните филмски признанија мината 2015 година, кога здруженијата организираа протести за да предупредат на изостанувањето на црнечките актери од листата на номинираните.

Незадоволството од застапеноста на не-белците во членството на американската Академијата за филмски уметности и науки со години наназад е јавна тајна во САД.

„Од 6.000 членови околу 93 отсто се белци, 70 отсто се мажи на просечна возраст од 63 години. Имаме тесен круг на луѓе коишто имаат свое животно искуство и свој начин на сфаќање на филмовите. Кога оваа година видов дека ниеден црн актер не е номиниран за Оскар, бев малку изненаден, но не многу бидејќи всушност нив и ги нема многу“, истакна пред ланското доделување Дарнел Хант, директор на Институтот за афроамерикански истражувања на универзитетот UCLA и автор на извештајот за оваа тема. Истакна дека таквиот состав на академијата не може да осигури разноликост на темите во филмските проекти кои успеваат да бидат реализирани.

Питер Сафиер, член од Академијата и продуцент на култниот филм „Scarface“ призна дека малцинствата во членството бои морале да бидат повеќе застапени. „Престари сме, а фактот е дека има 70 отсто мажи белци е смешен“, заклучи. Меѓутоа, вели дека Академијата „се обидува тоа да го промени“. „Сега имаме претседателка афроамериканка (Черил Бун Ајсак – з.р.), која се труди да го прошири профилот на новите членови“, рече Сафиер минатата година, но очигледно ништо не се сменило.