Дејвид Боуви во својата последна порака завештал неговата пепел да биде развеана „во согласност со будистичкиот ритуал“ на индонезискиот остров Бали, се дознава од тестаментот на славниот британски пејач, музичар и продуцент кој беше објавен во петокот на судот во Њујорк.
Според волјата на Боуви, целиот негов имот преоѓа во сопственост на неговото семејство, на сопругата Иман и двете деца, Данкан и Александрија.
На Иман ќе ѝ припадне околу половина од сопственоста на уметникот, како и станот на Менхетен, каде што двојката живееше последните 20 години. Децата ќе го поделат остатокот од парите, а ќерката на Боуви – Александрија, ќе ја добие и неговата куќа во државата Њујорк. Пејачот, исто така, оставил 2 милиона долара на својата блиска пријателка и лична асистентка Корин Шваб. Уште милион долари оставил на Марион Скин, поранешна дадилка на неговиот син.
Имотот на Боуви е проценет на вредност од околу 100 милиони долари. Според документите, Боуви бил кремиран на 12-ти јануари во Њу Џерси.
Музичарот почина во Њујорк на 10-ти јануари од рак на црниот дроб, со кој се бореше година и половина. Два дена пред неговата смрт, точно на 69-от роденден Боуви го издаде својот последен студиски албум со наслов „Blackstar“ на кој активно работеше и покрај тешката болест.
Во текот на својата извонредно плодна кариера, Боуви продаде повеќе од 136 милиони копии на своите плочи и влезе во десетката најуспешни уметници во историјата на британската поп музика. Добитник е на бројни награди, вклучително и на престижната во музичкиот свет награда Греми. Во 2004 година, списанието Rolling Stone го вброи на 39-то место на „стоте најголеми изведувачи на рок музиката на сите времиња“ и на 23-то во рангирањето на „стоте најголеми пејачи на сите времиња“.