„Супер вторникот“ донесе победи за Хилари Клинтон и Доналд Трамп

Гласањето за демократската и републиканската номинација во претседателската трка, се одржа измината ноќ, во неколку американски сојузни држави. Според очекувањата, победите во „супер вторникот“ ги однесоа Хилари Клинтон кај демократите, односно Доналд Трамп кај републиканците.

Image

Поранешната прва дама на САД, Хилари Клинтон, победи во Џорџија, Вирџинија, Алабама, Масачустес, Тексас, Тенеси и Арканзас. Нејзиниот противник Берни Сандерс победи во родниот Вермонт, односно во Оклахома, Минесота и Колорадо.

Хилари Клинтон освои 873 делегати, речиси три пати повеќе од Сандерс (296).

„Влогот на овие избори никогаш не бил поголем, а реториката која ја слушаме од другата страна, никогаш не била полоша“, рекла Хилари Клинтон во своето обраќање, а како што пренесува BBC, таа во претседателската трка за противник од спротивниот табор го очекува Доналд Трамп.

Трамп освои 251 делегат, повеќе од неговите противкандидати, сенаторот Круз (114) и Марк Рубио (53).

„Кога ова ќе заврши, спремен сум да се соочам со една личност, Хилари Клинтон“, биле првите зборови на Трамп за време на гласањето на Флорида.