СJO побара продолжување на куќниот притвор на Талески

Скопје, 21 јули, 2016 – 10:37 (META) 
Vladimir-Taleski-pred-SJO-860x680

По вчерашниот распит на битолскиот градоначалник Владимир Талески, Специјалното јавно обвинителство доставило барање до Кривичниот суд да му се продолжи куќниот притвор, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Притворот на Талески му истекува денеска, а му беше одреден како мерка на претпазливост на 16 јуни. Се очекува Кривичниот суд во текот на денот да се произнесе по барањето на СЈО.

Градоначалникот Талески вчера беше на распит во СЈО поради тоа што тој и уште 22 лица се товарат за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, во случајот „Транспортер“.

Од неговиот исказ зависеше дали СЈО ќе побара продолжување на куќниот притвор.

По завршувањето на распитот, Талески изјави дека станува збор за наметната постапка и дека врз основа на една снимка се правело политичка хајка против него.

Во врска со тендерите за училишниот превоз во Битола, Талески рече дека постапките биле транспарентни и оти тоа ќе го докажат.