Трамп и Круз сакаат да го вратат симулирањето на давење како техника за испитување

Седум години по забраната за симулирање на давење при испитувањето на затворениците што го спроведуваа агентите на американските тајни служби кон осомничените за тероризам, двајца претенденти за номинацијата на Републиканската партија за американските претседателски избори, изјавија дека сакаат да ја вратат.

Image

„Би го вратил вотербордингот и би вратил и многу повеќе од тоа“, изјави милијардерот Доналд Трапм, кој првпат ја загуби доминацијата на социјалните мрежи во текот на републиканската дебата во саботата навечер на телевизиската мрежа ABC, неколку дена пред партиските предизбори во сојузната држава Њу Хемпишр.

Неговиот најголем ривал, сенаторот Тед Круз, изјави, пак, дека би дозволил само ограничено променување на оваа техника на испитување.

„Waterboarding“ е полевање со вода врз главата и во устата на затвореникот со што се симулира давење, а беше контроверзна и жестоко критикувана техника за испрашување која се применувала во САД по нападите од 11-ти септември 2001 година во времето на републиканскиот претседател Џорџ В. Буш. Актуелниот демократски претседател Барак Обама ја забрани нејзината примена набрзо откако ја презема должноста во 2009 година.

Комитетот за службите за разузнавање при Сенатот во 2014 година објави извештај, и покрај противењето на републиканците, за техниките за мачење кои ги користела Централната разузнавачка агенција (CIA), вклучително и прекумерното применување на методата на давење со вода.

Трамп првпат ја загуби доминацијата на социјалните мрежи во текот на републиканските претседателски телевизиски дебати по осмото соочување во саботата вечерта. Така, многу корисници на Twitter сега се нафрлија на сенаторот Марко Рубио, кој во дебатата во Њу Хемпшир жестоко го нападнаа неговите противкандидати. Пораснал и бројот на твитови во кои се споменати гувернерите на Њу Џерси и на Охајо, Крис Кристи, односно Џон Кесич.