ФК Работнички се засили со двајца играчи од Хрватска

Хрватите Иван Галиќ и Марко Пушкариќ се нови играчи на ФК Работнички, откако потпишаа тригодишни договори, соопшти клубот на својата официјална интернетстраница.

Image

Талентираните млади фудбалери, во Скопје, пристигнаа од хрватскиот второлигаш Лучко, а претходно ги минале сите младински категории на Динамо Загреб, односно Локомотива Загреб.

„Продолжуваме со нашата стратегија за ангажман на млади играчи, со нескриен потенцијал. Се работи за талентирани фудбалери кои ни доаѓаат од Хрватска, па искрено се надеваме дека својот потенцијал, според очекувањата на сите нас, ќе го демонстрираат и во Македонија“, истакнал спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски.

Марко Пушкариќ е роден на 07.04.1997 година и игра на позицијата – централен напаѓач. Ги минал сите младински категории на Динамо Загреб, а изминативе шест месецинастапуваше за Лучко.

Иван Галиќ, пак, е роден на 09.01.1995 година и е крилен играч. Потекнува од школата на Локомотива Загреб, а последните шест месеци играше за второлигашот Лучко.