Фудбалската Асоцијација на Англија повторно на удар на јавноста

Фудбалската Асоцијација на Англија повторно се најде на удар на јавноста откако беше обелоденето дека големото дерби меѓу Ливерпул и Манчестер јунајтед ќе го води Ентони Тејлор.

entoni-tejlor-615x400

Судиските квалитети на Тејлор не се проблем, туку фактот дека тој е роден во реонот на Манчестер (Витеншо е место шест километри оддалечено од Манчестер), па на „островот“ веднаш се појавија сомнежи околу евентуалната пристрасност на овој 37-годишен делител на правдата.

Брендан Роџерс во 2013 година се жалеше на арбитражата на Ли Мејсон, кој исто така е роден во реонот на Манчестер, за време на поразот од Манчестер сити од 2-1. Тогаш Роџерс истакна дека искрено се надева дека во иднина Ливерпул нема да добие судии од Манчестер за дуелите со екипите од овој град, по што беше казнет со 8.000 фунти за ваквите коментари.

Едно е јасно, на шест дена пред големото дерби страстите полека, но сигурно вријат, фановите на Ливерпул се бесни на ФА, додека оние на Манчестер јунајтед зајадливо коментираат како домаќините однапред си бараат изговори за поразот што ги очекува.