Фјури остана без титулата во IBF верзијата

Тајсон Фјури, новиот светски првак во бокс, остана без титулата во верзијата на IBF. На Британецот од оваа асоцијација му ја одзедоа титулата бидејќи одбил да се бори против предизвикувачот Вјачеслав Глазаков.

Image

Фјури пред две недели сензационално го совлада Владимир Кличко и стана нов светски шампион, но IBF реши да му ја одземе титулата бидејќи одбил борба со Глазаков, кој е прв на листата на предизвикувачи.

Според правилата на IBF, Фјури е должен да се бори со предизвикувачот, но тој ја одбил борбата откако Кличко најави дека ќе ја активира клаузулата и дека ќе побара реванш кој најверојатно ќе се случи за седум до осум месеци.

„Овој појас ќе го фрлиме в ѓубре“, порачал тренерот на Фјури, Питер Фјури, откако дознал дека IBF ќе го одземе појасот наменет за светскиот првак.

Во 2016 година Глазаков ќе се бори со Чарлс Мартин за титулата во IBF  верзијата, додека Фјури преостанатите титули ќе ги брани во 2016 година на реваншот со Кличко.