Хан: Ќе ја нагласам одговорноста на сите лидери за спроведување на политичкиот договор

Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан во пресрет на средбите со лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија порача дека ќе ја нагласи одговорноста за спроведувањето на политичкиот договор од Пржино.

Image

„Ќе ја нагласам одговорноста на сите политички лидери за спроведување на политичкиот договор и реформските приоритети кои се во интерес на граѓаните“, напиша во петокот еврокомесарот Хан на својот Twitter профил.

Во соопштението од Европската комисија (ЕК) за посетата на Хан на Македонија се вели дека тој ќе ја потенцира одговорноста на политичките лидери за спроведувањето на нивниот договор, вклучувајќи ја тука и неопходноста за обезбедувањето услови за кредибилни избори, во согласност со роковите кои беа договорени.

Хан, исто така, ќе го нагласи значењето на итните реформи приоритети на кои лидерите самите се обврзаа, додаваат од Комисијата.