Ципрас на Тасос, островот веќе трет ден се бори со пожар

Атина, 12 септември, 2016 – 10:33 (META) 
tasos-2

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска ќе го посети островот Тасос, кој веќе трет ден се бори со силен пожар. Ципрас ја откажа посетата на Кефалонија и оди на Тасос со министрите за внатрешни работи и за транспорт и инфраструктура, генералниот секретар за безбедност и со командирот на противпожарната служба, за да изврши увид во ситуацијата на островот по катастрофалниот пожар во кој е изгорен голем дел од планинскиот појас, плантажи со маслинки, десетина куќи и туристички комплекси.

Пожарникарите и вчера цела ноќ се бореа да го стават под контрола пожарот, кој има зафатено голем дел од планинскиот појас и неколку од планинските села. Во пожарот нема жртви, но повредени се петмина пожарникари, од кои двајца, со посериозни повреди, се префрлени во болница во Кавала.

Иако површината зафатена со огнената стихија денеска е помала во споредба со викендов, сè уште горат големи делови од југоисточниот и од западниот дел на островот. На терен се распоредени повеќе од 200 пожарникари, на кои поддршка од воздух им се пет авиони и пет хелихоптери.

На островот од саботата вечерта е прогласена вонредна состојба. Училиштата остануваат затворени иако од денеска официјално почнува учебната година, главно поради тешката атмосфера од пожарот и стравот да не се загрози здравјето на децата.