Шешељ ги запали знамињата на НАТО и ЕУ пред судот во Белград

Обвинетиот на Хашкиот трибунал за воени злосторства, челникот на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, ги запали во четвртокот знамињата на Европската унија и на НАТО пред Специјалниот суд во Белград, пред да се одржи неговото сослушување по барање на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, за негово предавање на овој суд каде на 31-ви март треба да му биде изречена пресуда.

Image

И покрај соопштението на Вишиот суд дека „од процесни причини“ денешното сослушување е одложено, Шешељ со своите приврзаници сепак дојде пред судот и ги запали знамињата на ЕУ и на НАТО. Челникот на српските радикали оваа постапка ја објасни со оцената дека „Србија „повеќе не е независна“ откако го потпиша договорот со НАТО и оти тоа е причината за палењето на знамињата.

Шешељ претходно на новинарите им соопшти дека сослушувањето во Специјалниот суд е откажано, бидејќи судскиот совет на Хашкиот трибунал не доставил одговор на барањето на Србија по повод некои процесни прашања и нагласи дека одвај чека сослушувањето повторно да биде закажано, за да објасни како што рече „поради кои правни причини не може да му биде предаден на Хашкиот трибунал“.

Хашкиот трибунал претходно од српските власти побара да обезбедат присуство на Шешељ при изрекувањето на пресудата, закажана за 31-ви март.

Хашкиот трибунал, Воислав Шешељ, кој доброволно се предаде на 24-ти март 2003 година, го судеше по обвинение за прогон на несрпското население на политичка, расна и верска основа, депортација и нехумани дела и злосторства против човечноста над Хрватите и Бошњаците во Хрватска, Босна и Херцеговина и во српската северна покраина Војводина, во периодот од 1991 до 1993 година. Во притворот на хашкиот суд беше до ноември 2014 година, кога привремено беше ослободен поради здравствени причини, со обврска за Србија на барање на Трибуналот да ги испорача за изрекување на пресудата.

Обвинителите во завршниот збор во март 2013 година за Шешељ бараа затворска казна во траење од 28 години, а Шешељ, кој се бранеше самиот со логистичка поддршка на правен тим од СРС, бараше ослободителна пресуда.

Пред да биде пуштен на привремена слобода, на Шешељ во болницата во Хаг му беше дијагностициран тумор на црниот дроб, а на 12-ти ноември 2014 година, по речиси 12 години се врати во Србија поради влошената здравствена состојба. По доаѓањето во Белград изјави дека не бега, но и дека нема доброволно да се врати во Хаг, каде што ниту по 11 ипол години, колку што траеше судскиот процес, сé уште не е изречена пресуда по обвинението за воени злосторства.

Во меѓувреме, по интензивната терапија, Шешељ кон средината на јануари 2015 година тврдеше дека му се запрени метастазите на ракот на црниот дроб, како и дека тој сега е „најздравиот на српската политичка сцена“.