Ѓорческа со најдобар ранкинг во кариерата: На 210. место во „сингл“, меѓу Топ 150 тенисерки во „дубл“

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа запиша историски најдобар свој ранкинг, и во поединечна конкуренција и во игра на двојки, на најновата ВТА ранг листа објавена денеска.

lina-gjorceska-4

Ѓорческа, во поединечна конкуренција, сега е на 210. место со 249 поени, напредувајќи за 12 позиции во однос на претходното рангирање. Ова е најдобриот ранкинг на македонската тенисерка во нејзината кариера доближувајќи се веќе и до најдобрите 200 тенисерки во светот.

Магдалена Стоилковска, пак, сега е на 1155. место напредувајќи за 42 позиции во однос на минатонеделното рангирање.

Во игра на двојки, по освојувањето на турнирот во Сент Мело, Ѓорческа напредуваше за извонредни 29 позиции, па сега е на 146. место со 491 поен. Стоилковска на рангирањето за игра во двојки е на 1060. место.

ekipa.mk