Јакини се врати на клупата на Палермо

Џузепе Јакини, кој пред три месеци до отказ во калчолигашот Палермо, повоторно е именуван за тренер на клубот од Сицилија. Јакини ќе го наследи Џовани Боси, кој беше тренер на Палермо на само еден натпревар. Боси доби отказ, по домашниот пораз од Торино (1:3).

Image

Џузепе Јакини доби отказ од контроверзниот претседател на Палермо, Маурицио Зампарини, на 10.ноември минатата година. За негов наследник беше назначен Давиде Балардини, но на функцијата се задржа само два месеци, односно беше отпуштен на 11.јануари.

Палермо го ангажираше Аргентинецот Гиљермо Барос Скелото, но тој поради неисправни документи, не доби лиценца да го води клубот, па клубот еден месец беше предводен најпрвин од Џовани Тедеско, а потоа и од Џовани Боси.

Скелото замина од Палермо, откако на 9.февруари УЕФА ја одби жалбата на клубот.

Овој сплет на настани го натера Зампарини да го врати на клупата Јакини, откако претходно им се извини на навивачите поради ’едномесечниот хаос’ во кој се наоѓал Палермо.

По 25 натпревари во Серија А, Палермо, чии дрес го носи македонскиот репрезентативец Александар Трајковски, се наоѓа на 15-то место на табелата и до крајот на сезоната ќе се бори за опстанок во лигата.