Џеф Милс и Дерик Меј под палката на Емин Џијан

Македонската продуцентска куќа „Излет мјузик“, во сабота го организира спектакуларниот концертен настап во Мелбурн, Австралија, на двајцата техно диџеи и продуценти Џеф Милс и Дерик Меј, заедно со Симфонискиот оркестар од Мелбурн. 

Image

Грандиозниот концерт ќе го диригира нашиот Џијан Емин.

Очекувањата на публиката за претстојниот концерт во Мелбурн се големи бидејќи ќе имаат прилика на едно место во иста вечер да ги видат фантастичните Дерик Меј и Џеф Милс и престижниот Симфонискиот Оркестар од Мелбурн.

„Концертот ќе го започнеме со програмата на Џеф Милс насловена „Lights From The Outside World“. Ова е втора едиција на Џеф Милс по успешниот проект „Blue Potential“ чија промоција беше во 2006-та година. Во вториот дел на концертот ќе следи дел од музиката, која ја создадовме со Дерик Меј во концептот насловен „Music Is Music“. На крајот од концертот ќе следи светска премиера на новата композиција „King Of Sopishte “ која е нарачана од директорот на Симфонискиот Оркестар од Мелбурн со цел да се создаде композиција, која музички ќе ги обедини Дерик, Џеф и симфонискиот оркестар. На мое лично задоволство, композицијата многу му се допадна на Џеф Милс и со нетрпение очекуваме да ја изведеме во Мелбурн. Оваа фузија на двајцата гиганти во електронската музика и Симфонискиот Оркестар од Мелбурн, се случува првпат во светски рамки и посебно ми е драго што јас и Огнен сме дел од целата приказна“, вели Џијан.

Џеф Милс е најголемата инспирација за Огнен Узуновски, идејниот творец на „Излет мјузик“. Уште во 2006 година Милс можеби прв во светот има настапено како електро диџеј заедно со Монтпелје оркестра од Франција.

„Оттука и мојата идеја да почнам да организирам вакви настани, каде класични
симфониски оркестри ќе настапуваат со светски познати техно диџеи на нивни музички аранжмани од современа електронска музика. И така се случи соработката со детроитскиот диџеј Дерик Меј и неговиот прв настап од ваков тип заедно со Македонската филхармонија во Охрид, потоа следуваа настапи во Париз, Гент, Детроит, Ница…. со тамошните симфониски оркестри… на сите овие концерти диригираше маестро Емин Џијан. Од неодамна се реализираше и мојот сон да настапиме со детроитскиот техно диџеј Џеф Милс од кого и потекна целава оваа идеја“, вели Узуновски.