Босна и Херцеговина ја предаде апликацијата за членство во ЕУ

Претседателот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, во понеделник ја предаде апликацијата за членство на оваа земја во Европската унија, пренесоа босанските медиуми.

Image

Свечената церемонија за предавање на апликацијата е одржана во зградата на Советот на ЕУ во Брисел, а Човиќ ја предаде на холандксиот министер за надворешни работи, Берт Коендерс, затоа што оваа земја претседава во моментот со Европската унија.

„Со гордост можам веродостојно да кажам дека подготвивме се она што ветивме во последната година за да го предадеме барањето за членство во ЕУ. Сигурен сум дека овој пат не беше ни малку лесен за нас“, вели Човиќ при предавањето на апликацијата.

Тој се надева на позитивиен одговор од ЕУ и очекува Босна и Херцеговина веќе следната година да добие статус кандидат за членство во ЕУ.

Човиќ е свесен дека ги чека многу работа, на планот на надворешната политика, но и во средувањето на внатрешните политики, подобрување на економската и социјалната состојба.

Тој најави година на реформи за БиХ, и изрази надеж дека земјата ќе ги претекне своите соседи на патот кон ЕУ.

Коендерс ги истакнал реформите како битен чекор на патот кон Европа, и го поздравил усвојувањето на Реформската агенда и Акциониот план, при што додал дека работата на нив е неопходна за ЕУ да го разгледа барањето за членство.

Ветил дека Советот на министри ќе и се обрати на Босна и Херцеговина тогаш кога ќе види дека е направен значителен напредок.

„Бидете уверени дека Советот на Европа ќе направи се кога ќе види напредок. Сега е на БиХ да оствари напредок во реформите. Според тоа, иднината на БиХ е во ваши раце и во блиската соработка со нас“, вели Коендерс.

Федерика Могерини, еврокомесар за надворешна политика, вели дека ЕУ смета на БиХ; и дека ќе и помогне на земјата на тој пат.

„Ова навистина е добра вест. Добра вест е и дека апликацијата е резултат на напорна работа’, вели Могерини.

Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување, го поздравил усвојувањето на механизнмот за координација, порачувајќи дека граѓаните на БиХ заслужуваат членство во ЕУ.

Од земјите од поранешна Југославија, само Словенија и Хрватска се членки на Европската унија. Македонија најдолго има статус кандидат за членка на ЕУ, а другите републики исто така, чекаат на членство.