Браќата Ел Бакрауи се бомбашите од Брисел

Бомбашите самоубијци кои го извеле терористичкиот напад на аеродромот во Брисел се идентификувани како браќата Ел Бакрауи, кои од претходно и биле познати на полицијата, јави белгиската РТБФ, а пренесе агенцијата Ројтерс.

Image

Белгиските власти и понатаму трагаа по третиот осомничен за вчерашните напади во Брисел, на аеродромот Завентем и во метро станицата.

Државниот обвинител соопштил дека третиот напаѓач се наоѓа во бегство, оценувајќи дека се уште е рано нападите да се поврзат со терористичкиот чин кој се случи во Париз, во ноември минатата година.

Полицијата по третиот напаѓач има издадено потерница.

Полицијата поседува фотографија, на која двајца од напаѓачите носат црна облека, додека тој е облечен во бела јакна. Се претпоставува дека третиот напаѓач поставил бомба на аеродромот, а потоа ја напуштил локацијата.

„Тој оставил бомба на аеродромот, но таа не експлодирала. Го бараме тој човек“, рекол министерот за внатрешни работи на Белгија, Жан Жамбон.

Клуч во истрагата би можел да биде такси возачот кој ги возел осомничените до аеродромот, а потоа и се јавил на полицијата и ја предал адресата од каде пристигнал повикот.

Во населбата Шарбек полицијата извршила неколку рации, а во една куќа пронашла хемикалии, знаме на исламската држава и опрема за изработка на експлозивни направи.

Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот во Брисел, во кој според официјални информации загинале 34 лица, а 250 се ранети.