Втор круг од гласањето за генерален секретар на ОН

Њујорк, 5 август, 2016 – 12:22 (META) 
palestinci

Во Советот за безбедност на ОН денеска би требало да се одржи вториот круг од гласањето за кандидат за нов генерален секретар на ОН, меѓу кои е и кандидатот на Македонија, Срѓан Керим.

Првиот круг од неформалното гласање за наследник на Бан Ки-мун се одржа на 21 јули, а Керим по тајното гласање се најде на третото место кое, според освоените гласови, го делеше со кандидатката на Бугарија, Ирина Бокова.

Поранешната шефица на хрватската дипломатија, Весна Пусиќ, вчера се откажа од трката велејќи дека реално нема шанси да победи и оти по првиот круг гласање станало јасно дека за нов генерален секретар на ОН ќе биде избрана личност која работела или работи во ОН.

На гласањето, членовите на Советот за безбедност се изјаснуваат за секој кандидат со избирање на една од трите опции: „охрабрувам“, „не охрабрувам“ и „немам мислење“.

Покрај Керим, за нов генерален секретар на ОН се кандидираа Ирина Бокова (Бугарија), Кристина Фигерес (Коста Рика), Наталија Герман (Молдавија), Антонио Гутереш (Португалија), Хелен Кларк (Нов Зеланд), Мирослав Лајчак (Словачка), Игор Лукшиќ (Црна Гора), Сузана Малкора (Аргентина), Данило Турк (Словенија) и Вук Јеремиќ (Србија).