Граѓанските организации побараа да бидат вклучени во преговорите

pres-nevladeni-860x680

Скопје, 7 јули, 2016 – 11:42 (META) 

Неопходно е директно учество на граѓанското општество во преговорите за излез од кризата и за демократизација на Македонија, порачаа денеска 88 граѓански организации преку писмо упатено до Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Амбасадата на САД и до четирите партии потписнички на Договорот од Пржино.

– Нашите организации, групи, коалиции и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата преку давање соодветни експертски анализи и предлози, како и друг вид советодавна помош и преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување на нивните права, интереси, потреби и барања – изјави Симона Спирковска од „Шарената револуција“.

Граѓанските организации веруваат дека текот и исходот од преговорите треба да бидат јасно и недвосмислено претставени и објаснети пред граѓаните, а со тоа да се гарантира дека нема да се повторат досегашните негативни искуства.

– Ќе се стави на располагање експертизата на сите заинтересирани организации, граѓански коалиции и независни експерти и на тој начин ќе се понудат решенија кои партиите инаку не би ги имале предвид. Овој модел подразбира присуство на различни претставници на граѓанскиот сектор за време на сите разговори и преговори кои го сочинуваат процесот. Во улога на директни набљудувачи и на консултанти, ќе учествуваат најподготвените и најстручните за темите што ќе бидат предмет на разговори и на преговори – вели активистот Петрит Сарачини.

Граѓанските организации велат дека нивната вклученост не треба да подразбира дека ќе имаат претставнички мандат, ниту дека ќе имаат улога, надлежност и мандат да одлучуваат во рамки на преговорите.

Протестите нема да бидат ставени во мирување, туку, како што појаснија претставниците на граѓанските организации, притисокот ќе биде реализиран преку разни протестни активности изразени во демократски рамки.