Груевски треба да сведочи пред Анкетната комисија за прислушувањето

Премиерот Никола Груевски, во понеделник треба да се појави пред Анкетната комисија за прислушувањето за да сведочи и да одговара на прашањата не членовите на комисијата, датум што тој сам го одбра, откако не беше во можност да се појави на седницата минатата недела.

Image
На денешната седница треба да сведочи и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која до сега нема доставено известување за евентуален друг термин.

На досега закажаните сослушувања не се појавија ниту вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, ниту поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и шефот на кабинет на премиерот Мартин Протуѓер.

Само Груевски и Ставрески побараа презакажување на претходно утврдените термини на претседателот на комисијата Петре Шилегов, па така од 9 декември го презакажа присуството на Анкетната комисија за денеска, а Ставрески од 10 декември побара сведочењето да биде одложено за 17 декември. За седницата во вторник планиран е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер не се појавија на закажаните термини, ниту пак побарале промена на распоредот.

Груевски, Ставрески и Јанкуловска се предложени сведоци од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а Протуѓер, Мијалков и Јанакиески се предложени на листата од СДСМ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, членови на комисијата, бараат седницата да биде затворена за јавноста, а претседателот на комисијата, Петре Шилегов, пратеник од СДСМ, најави дека ќе инсистира на тоа седниците да бидат отворени за јавноста.

Сослушувањата на сведоците треба да заврши до 22 јануари.

На 16-ти декември треба да се формираат работни групи за посета на УБК, МВР, Агенцијата за разузнавање, Специјалното обвинителство и другите институции.

Седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето ќе се одржи денеска во 11 часот.