Груевски ја достави оставката до Собранието

До претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, во петок, пристинала оставката на премиерот Никола Груевски, која ја најави лично тој во четвртокот вечерта, а е обврска преземена со договорот за излез од кризата во Пржино.

Image

„Ве известувам дека денес, 15.01.2016 година, ми беше доставена оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски. Оттаму, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе постапувам во согласност со уставните, законските и деловничките права и обврски. Истовремено, имајќи ги во предвид превземените политички обврски на лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија согласно договорот од 2 јуни 2015 година и протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница“, цоопшти Вељаноски.

Тој искажа надеж дека политичките лидери ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, а во функција на натамошен демократски развој на Македонија.
„Верувам дека во периодот што следи  ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, а во функција на натамошно стабилизирање на вкупните прилики во државата“, додава Вељаноски.

Во својот вчерашен говор, Никола Груевски рече дека во петок ќе ја депонира до претседателот на Собранието својата оставка, која ќе стане ефективна 100 дена од датумот на закажаните избори.

„Оваа оставка ја покажува силата на нашето убедување и верба во демократијата. Најдобрата победа над оваа валкана кампања против Македонија водена преку најразлични методи изминатава година и пол се чисти избори кои нема да дадат никаков изговор никому. Такви беа изборите со кои освоивме огромна победа, огромна ќе биде победата заедно со вас и на следните избори, но овојпат одиме со вакви потези и чекор понатаму убедени дека ова што го правиме е за доброто на државата и на народот“, рече Груевски.

Во петок, исто така, во посета на македонија е и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој ќе оствари средби со сите релевантни чинители на политичкиот живот во македонија и ќе се осигура дека договореното во Пржино ќе се оствари.

Се уште нема никаква потврда дека предвремените парламентарни избори ќе се одражт на 24 април, што би значело и престанок на функцијата на Груевски од денеска, или пак ќе се одреди друг датум, со што неговата оставка би станала ефективна сто дена пред новиот датум.