Ердоган: Народот бара враќање на смртната казна и ќе мора да го послушам

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека лидерот на земјата мора да ги слуша граѓаните, а тие, како што рече, сакаат повторно воведување на смртната казна.

16327492630_c3efc43ac7_k-860x680

– Што зборува денес турскиот народ? Тој сака повторно да се воведе смртната казна, а ние, како влада, мора да го слушаме. Не смееме да кажеме „не“ или дека тоа нè не интересира – истакна Ердоган.

Претходно европските лидери го предупредија Ердоган дека воведувањето смртна казна ќе значи прекин на преговорите за членство во ЕУ.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера изјави дека Турција нема набргу да стане членка на ЕУ доколку воведе смртна казна.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска порача дека и покрај тешката ситуација во Турција, не треба да се носат избрзани решенија. Тој во интервјуто за виенскиот весник „Стандард“ рече дека наесен, по извештајот за напредок, треба да се донесат одлуки за последиците.

Хан нагласи дека воведувањето смртна казна ќе претставува „нокаут-критериум“ за пристапните преговори со Турција и додаде дека постојат повеќе најави за кршење на владеењето на правото во земјата.

– Мора да гледаме како ќе се материјализираат работите – порача еврокомесарот.