Жената на челник на IS обвинета за смртта на американската хуманитарка

Сопругата на убиениот водач на екстремната сунитска организација Исламска држава, Абу Сајаф е обвинета за соучесништво во заговор кој резултирал со смртта на американската хуманитарна активистка Кајла Милер, која е убиена минатата година додека џихадистите ја држеа како заложник во Сирија, соопшти американското министерство за правда.

Image

Нирин Ассад Ибрахим Бахар, наречена Ум Сајаф, 25-годишна ирачка државјанка, и нејзиниот сопруг Абу Сајаф, кој беше еден од водачите на Исламската држава до неговото убиство минатата година, се обвинети за заговорот кој резултирал со смртта на Кајла Милер, пренесува Reuters.

Претставници на американските власти минатата година објавија дека челникот на џихадистичката организација Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади ја претворил во сексуална робинка американската хуманитарна мисионерка Кајла Џин Милер повеќекратно силувајќи ја додека била во заложништво во Сирија. Милер беше убиена на 26-годишна возраст.

Абу Сајаф до смртта во мај 2015 година беше еден од највисоките водачи на Исламската држава, а неговата сопруга во моментов е во ирачки затвор, каде што го очекува судењето за тероризам, се наведува во соопштението на министерството за правда на САД и се додава дека го поддржува ирачкото обвинение против Нирин Ассад Ибрахим Бахар за да биде задоволена правдата.

Според истрагата кон крајот на септември 2014 година, Милер и уште две жени биле земени од затвор на исламистите во резиденцијата на Абу и Ум Сајаф, каде што биле држени со други затвореници.

Абу Сајаф беше министер за нафта и гас на Исламската држава, а бил еден од ретките кои имале личен контакт со ал-Багдади, Во мај 2015 година американските специјалци изведоа напад врз една од куќите на исламистот. Абу Зајаф дал отпор и бил убиен, додеа неговата сопруга Ум била заробена.

Кајла Милер беше грабната од џихадистичките борци на Исламската дражва во август 2013 година во моментите кога ја напуштала болницата во градот Алепо. Подоцна џихадистите за девојката бараа откуп од 5 милиони евра.

Исламската држава објави во февруари 2105 година дека Милер загинала во бомбардирањето на јорданските авиони во градот Рака, во истоимената северна сириска покраина, која е прогласена за престолнина на ткн „калифат“ на териториите во Ирак и Сирија кои се под контрола на Исламската држава. Оваа информација тогаш ја потврди и Белата куќа.

Милер во декември 2012 година заминала во Турција за да работи за една турска организација којашто испраќала хуманитарна помош по должината на сириската граница. Ал Багдади, по грабнувањето, лично ја сместил во домот на Абу Сајаф, туниски борец кој загина во американски напад.

Една од заложничките, 14-годишна девојка припадничка на курдската етноконфесионална заедница Јазиди, која минала неколку месеци со Милер а подоцна успеала да избега од заточението, изјавила дека Американката била сметана за „жена“ на ал-Багдади. Според неа, челникот на Исламската држава повеќепати ја силувал Милер. Американски разузнавачки извори ги потврдиле изјавите на јазидската тинејџерка. Девојката која успеала да се спаси од заробеништвото на џихадистите, исто така, сведочела дека Милер учела арапски во заложништво, како и дека исламистичките борци ги силувале другите заложнички.