Заев не открива што ако нема услови за кристално чисти избори

Избори ќе има, само ако се кристално чисти, сигурна победа на СДСМ и коалицијата, вистината е таа која го разголи владеењето на Никола Гриуевски, специјалното обвинителство има неколку чисти случаи од кои може да формира обвинија, за „Пуч“ и „Поткуп“,зборува лидерот на СДСМ, во интервју за „Капитал“.

Image

За тоа дека некои критикуваат дека опозицијата ја изгубила ударната сила од објавувањето на „бомбите“, Заев вели дека „Вистината за Македонија е таа која го разоткри суровото, расипничко, криминално и корупциско владеење на Никола Груевски со којшто одзеде 10 години живот на граѓаните на Македонија“.

„Но, Вистината за Македонија го соголи Груевски од сите негови маски, тоа беше најголемиот удар што можеше да му се нанесе на виртуелниот добротвор и патриот Груевски, за кого пропагандата и медиумите под негова контрола ја лажеа и ја лажат јавноста… Не е важно што е во интерес на СДСМ, важно е што е во интерес на граѓаните на Македонија. Тоа се кристално чисти предизборен и изборен процес и од оваа цел отстапки нема да има. По ударната сила на вистината, доаѓа ударната сила на правдата. Затоа, не, ништо не би сменил во нашите политики кои имаат искрени намери и гледам дека граѓаните тоа го препознаваат“, вели Заев

На прашањето колку може СДСМ да влијае врз предизборното трошење од буџетот, поради фактот што има министри или заменици во неколку министерства, Заев вели дека во престојниот период целосно ќе го разобличат расипничкото владеење на Груевски.

„И казната за Груевски ќе стигне од граѓаните, од оние над 500.000 граѓани кои поради расипничките чолокадо-политики на братучедско – кумската власт живеат под прагот на сиромаштија, од оние над 180.000 граѓани живеат со по 40 денари на ден, од народот што тој го потцени“, вели Заев во интервјуто

Тој очекува во скоро време Специјалното обвинителство да поднесе обвиненија.

„Од она што го знам од материјалите, има неколку чисти случаи со конкретни докази за злоупотреби од страна на власта, што мислам дека може да резултира со обвиненија во скоро време. Гледате власта се обидува да ја кочи работата на Специјалното јавно обвинителство со одбивањето на Законот за јавнообвинителска дејност, неопходен за уредување на правата, должностите, одговорностите, платите на лицата вработени во јавнообвинителската служба, затоа што се плашат од расчистување на скандалите“, вели Заев.

Заев смета дека Специјалното јавно обвинителство ќе ја врати надежта во правдата во Македонија, со случајот „Пуч“.

„Јас за овој предмет не очекувам да падне или да се повлече, туку да се отвори до крај. Ќе се потврди апсурдноста на овој монтиран случај што за јавноста веќе е јасна. Во врска со вториот монтиран случај против мене, поднесов кривична пријава против јавниот обвинител кој го води процесот, Владо Милошески и судијата во предистражната постапка“, вели Заев.

За Договорот од Пржино, лидерот на СДСМ вели дека Груевски и неговите соработници од петни жили се напнуваат да ги одложат сите зацртани рокови.

„Медиумите се уште не се затворено прашање, а требаше да бидат до крајот на август. Пробиени се роковите за почеток на работа на Државната изборна комисија, за прочистувањето на Избирачкиот список. Доверлив изборачки список во којшто ќе веруваат сите граѓани е услов број еден за регуларно гласање. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги добивале изборите во криминален систем што сега е пробиен и тие се тие кои сега го доведуваат во прашање одржувањето на изборите на 24 април. Но што и да се обидува да направи Груевски, нема бегање од Договорот од Пржино! Уште еднаш укажувам, опција за Република Македонија се само кристално чисти избори“, вели Заев, но не појаснува што ќе се случи ако оценат дека нема услови за фер избори на 24 април.