За сопартијците на Меркел независна Шкотска е добредојдена во ЕУ

 

Независна Шкотска би била добредојдена да се придружи на Европската унија, изјави во неделата германски функционер и близок сојузник на канцеларката Ангела Меркел, откако Велика Британија изгласа излегување од Унијата.

Image (2)
„Европската унија повторно ќе се состои од 28 земји членки, бидејќи очекувам нов референдум за независност во Шкотска, кој ќе биде успешен“, изјави Гинтер Кришбаум, припадник на конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и претседател на комисијата за европски работи во германскиот Бундестаг.

„Треба брзо да одговориме на кандидатурата за прием од страна на земја којашто е пријателски настроена кон Европската унија“, рекол Кришбаум за весникот Welt am Sonntag.

Шкотската премиерка Никола Старџен претходно во неделата изјави дека Шкотска ќе стори сé што е потребно за да остане во Европската унија, вклучувајќи и можно блокирање на законодавството во врска со британското излегување.

Британија како целина релативно тесно гласаше за излегување од Европската унија на 23-ти јуни со 52 наспроти 48 отсто. Меѓутоа Шкотска гласаше 62 отсто за останување наспроти 38 отсто за излегување. На референдумот за независност од 2014 година контроверзните резултати покажаа дека 55 отсто од Шкотите гласале за останување во Обединетото Кралство наспроти 45 отсто кои сакале независност, но анкетите сега покажуваат дека од тогаш поддршката за независност е зголемена.