Изложба за лица со посебни потреби за да се подигне свесноста за овие граѓани

Скопје, 4 октомври, 2016 – 10:05 (META) 
pristapnost

Амбасадата на Шведска, во соработка со Шведскиот институт, вечерва, во 19 часот, ќе ги отвори изложбите „Пристапност“ и „Дизајн за достоинствен живот“ во Дом на АРМ.

– Со отворањето на изложбите, изложбениот простор и концертната сала на Домот на Армијата првпат стануваат пристапни за лицата со посебни потреби, бидејќи вечерва во употреба ќе биде ставена донираната пристапна рампа – соопштија од Амбасадата на Кралството Шведска.

На изложбата „Пристапност“ се прикажани фотопортрети на 14 Швеѓани со посебни потреби, снимени од фотографот Маркус Марчетиќ, како и портрети на 11 Македонци од фотографот Томислав Георгиев. Нивните приказни се раскажани од Рикард Лагерберг и од Небојша Илијевски.

Изложбата „Дизајн за достоинствен живот“, пак, содржи 22 иновативни решенија наменети да им го олеснат животот на лицата со посебни потреби и на нивните негуватели. Тие опфаќаат од екстралесни колички и пристапни рампи, преку ИТ-решенија и прилагодени друштвени игри, до специјално дизајнирани пакувања и прибор за јадење.

Изложбата може да се посети до 16 октомври.