Камерон: Жалам за исходот од референдумот, но не и зашто е одржан

„Секако дека жалам поради резултатот. Но не ми е жал што е одржан референдум. Тоа требаше да се стори“, изјави Камерон на прес-конференцијата по вечерата со другите челници на земјите членки.

Image

„Би сакал да успеев на референдумот … жал ми е подари“, додаде британскиот премиер, додавајќи дека во овој момент е загрижен бидејќи сака Британија да ги изгради како треба своите врски со Европа. „Ќе сторам сé да ги охрабрам блиските односи“, истакна.

Британскиот премиер истакна дека нема временска рамка во врска со активирањето на членот 50 од Лисабонскиот договор, кој се однесува на излегување од Европската унија, и рече дека тоа прашање ќе му го остави на својот наследник. Тој ќе треба да се занимава со следното поглавје за Британија, порача Камерон.

Најави дека со својот наследник блиско ќе соработува за да се осигури неговата земја да задржи што е можно повеќе врски со Унијата. Порача дека Британија нема да ѝ го сврти грбот на Европа и истакна дека тој ќе стори се што е во неговата моќ да го охрабри блискиот однос на Лондон и Брисел.

Наведувајќи дека постои „универзално почитување“ за одлуката на Британците да ја напуштат ЕУ, Камерон рече дека самитот кој започна во вторникот и продолжува во средата, ќе биде последниот за него.

Камерон на вечерата со другите 27 челници од ЕУ рече и дека Обединетото Кралство и Европската унија треба „да имаат што поблиски економски односи“, а дека „клучот за блиските односи е да се разгледа реформата на слободното движење на луѓето“.