Карикатурата на Charlie Hebdo го расплака таткото на малиот сириски давеник

Таткото на малиот Сириец Ајлан Курди, кој се удави додека со семејството се обидуваа од Турција да стасаат до грчкиот брег бегајќи пред војната која ја опустоши нивната татковина, се расплакал кога ја видел карикатурата на својот син прикажан на повозрасна возраст како сексуален насилник, како што го прикажа контроверзниот француски сатирички весник Charlie Hebdo.

Image
„Се расплакав кога го видов цртежот“, изјавил Абдалах Курди и додал дека целото негово семејство уште е во шок.

Рекол дека карикатурата на Charlie Hebdo е нехумана и неморална, и оти може да се спореди со воените злосторници и терористи коишто усмртија илјадници луѓе и натераа уште повеќе да ја напуштат Сирија.

Фотографијата на тригодишниот Ајлан Курди чие безживотно тело лежи на труска плажа го вознемири целиот свет и трагично го привлече меѓународното внимание на драмата на бегалците кои се осмелуваат на опасниот пат преку морињата во надеж дека ќе се доберат до европскиот континент.

Во трагедијата животите, исто така, ги загубија и четиригодишниот брат на Ајлан и нивната мајка.

Карикатурата на две страници, којашто ја потпишува Рис, главниот уредник на неделникот, прикажува сексуален манијак кој следи една жена, проследен со текстот „Во што ќе се претвореше малиот Ајлан да пораснеше?“