Мајката на загинатата студентка: Обвинетиот цела година е на слобода, мојот случај не може да се реши

По речиси цела година откако беше прегазена студентката Фросина Цековска од Крива Паланка,во Основниот суд Скопје 1 започна судењето за несреќата што се случи кај Универзална сала.

Image

На денешното рочиште воведни зборови дадоа Јавниот обвинител и одбраната на обвинетиот, очевидец кој пријавил со какво возило била прегазена Цековска и сопственикот на „хондата“ кој бил на совозачкото седиште додека обвинетиот го управувал возилото.

По нивните искази, судијата Илија Трпков сакаше да закаже датум за друго рочиште, но студентките кои требаше да сведочат на крајот од март имале колоквиумска недела и не можеле да дојдат, што би значело дека судењето ќе се одолговлечи.

Мајката на загинатата студентка, која беше присутна во судницата, со слика во рацете од својата ќерка, револтирана, стана со плачење и  побара случајот да се реши побрзо.

„Обвинетиот цела година е на слобода, мене девојчето, еве една година веќе ми го нема, а мојот случај не се решава. Сум ја пратила во Скопје да учи со примања од 10.000 денари, да биде наша гордост, што држава е ова? Уште колку мајки ќе плачат како мене“, рече низ солзи мајката на загинатата студентка.

Судијата се согласи да продолжи судењето со испрашување на другите сведоци, трите студентки, најверојатно другарки на загинатата Фросина. Семејството се уште се сомнева дека обвинетиот кој денеска седна на обвинителна клупа, дваесет и шестгодишниот Љубиша Видојковиќ, не е возачот која ја прегазил нивната ќерка.

Таткото, Љупчо Цековски и претходно тврдеше дека папиларните линии од отпечатоците на воланот не се совпаѓале со папиларните линии на отпечатоците обвинетиот.

„Истрагата е насочена против лицето кое се пријавило, но има јаки сомнежи. Недостигот од папиларни линии, бришење на воланот, наоѓање разни отпечатоци на седиштата. Не се совпаѓаат папиларните линии на воланот со папиларните линии на убиецот. Сто отсто друг е“, рече Цековски во септември во изјава за медиумите.

Денеска само изјави дека сомнежите се уште траат, но дека се надева дека вистината ќе излезе на виделина.

Сепак обвинетиот, Љубиша пред судот изјави дека не се чувствува виновен за кривичните дела кои му се стават на товар, тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и кривично дело, неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

„Не се чувствувам виновен, бидејќи јас сум убеден дека јас сум поминал на зелено светло на семафорот“, рече обвинетиот.

Неговиот адвокат, Игор Мицев во воведните зборови рече дека целта на одбраната ќе биде да докаже дека Љубиша поминал на зелено светло на семафорот, а клучен доказ ќе им биде ЦД и видео од безбедносните камери на крстосницата меѓу булеварот „партизански одреди“ и „Рузвелтова“.

Очевидецот на несреќата кој пријавил со какво возило било прегазено девојчето, Петар Блажев бил сопатник во автомобил „порше“ којшто се движел меѓу „Симпо“ и Универзална сала.

Претходно не ја забележал „хондата“, го видел ударот на пешачкиот премин. Возилото удрило во студентката, девојчето летнало во воздух и била отфрлена после другиот пешачки премин.

Возилото со коешто се случи сообраќајката било во сопственост на другар на Љубиша, Сашо Баланчевски. Според неговата верзија, тој заедно со Љубиша и уште двајца нивни другари после работа заминале на ручек.

Таму, Сашо пиел пиво, а Љубиша ракија. Кога завршиле со ручекот тргнале да си одат дома, Сашо требало да го остави Љубиша во неговиот дом во Карпош 3, а потоа да си оди дома.

Но, Љубиша кој имал исто така автомобил „хонда“, но друг модел изразил желба да го повози неговиот автомобил којшто бил поспортска марка од неговиот.

Љубиша се качил на возачкото седиште од пред ГУЦ„Здравко Цветковски“ и се упатиле кон Центар. Баланчевски се сеќава дека на еден семафор Љубиша застанал на црвено, а потоа ги фатил таканарачен зелен бран и потоа сите семафори светеле зелено.

Тие возеле во средната лента, но пред нив имало возило коешто било побавно и се престроиле во левата лента. Кога стигнале на пешачкиот премин кај Универзална сала, каде што се случи несреќата почувствувале силен удар на предната десна страна на возилото.

Од ударот, се скршила и предната и задната шофершајбна на возилото, ситни парчиња стакло паѓале на нивните лица, а лицето на Беланчевски било цело со крв.

„Љубиша подзастана малку, се свртевме назад, Љубиша се исплаши кога ме виде цел крвав и рече дека ќе ме носи во болница. Додека возевме кон Центар му реков дека не е битно тоа што сум јас исечен бидејќи знаев дека сме направиле поголема беља“ рече Баланчевски.

Потоа се вратиле кон населбата Ѓорче Петров каде што живее Баланчевки. Возилото го оставиле во дворот од куќата на Баланчевски и двајцата заминале во полициската станица во Ѓорче Петров. Таму му зеле крв и урина.

Беланчевски тврдеше дека според негова проценка Љубиша возел со брзина од 70 километри на час и тврдеше дека додека стоело возилото во неговиот двор никој друг не седнал во него.

Обвинетиот бил во алкохолизиран состојба, со 1,23 промили присуство на алкохол во крвта, но од обвинителството не соопштија со колкава брзина се движело возилото.

Обвинителката во овој случај рече дека обвинителството поседува и материјални вербални докази за овој случај и дека очекува судот да донесе осудителна одлука за двете дела.

Според обвинителството, ДНА профилот од трагите кои биел најдени во возилото се совпаѓале со ДНА профилот на обвинетиот. Судењето е во тек.