Меркел: Новиот премиер на Британија ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор

Германија очекува Велика Британија, откако ќе избере нов премиер, да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, со што ќе почне процесот на излегување од ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

angela-merkel

– Очекувам тоа да се случи. Свесна сум за реалноста и цврсто верувам дека процесот ќе биде почнат – рече Меркел, одговарајќи на прашање дали мисли дека има шанси Брексит да се оствари.

Таа ја исклучи можност Велика Британија да остане во ЕУ и додаде дека на официјален Лондон нема да му биде дозволено по своја волја да избира кои услови од членството во ЕУ ќе може да ги задржи, а кои да ги отфрли.

– Одлуката, според мене, беше донесена кога мнозинството Британци посакаа нивната земја да излезе од ЕУ – нагласи Меркел.

Британците на референдумот на 23 јуни, со 51,9 отсто изгласаа да ја напуштат ЕУ, а процесот на излегување ќе почне по активирање на член 50 од Лисабонскиот договор.