Нема избори без листи за кандидати за пратеници

Во среда вечер на полноќ, истекува рокот за поднесување листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, според Роковникот за извршување на изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на 5 јуни.

Image (13)

До вторник вечер, како што информираа од Државната изборна комисија (ДИК), не пристигнала ниту една листа за кандидати за пратеници.

Ако не пристигне ниту една кандидатска листа, Комисијата има само една можност – да ја констатира таквата состојбата. До сега, само од Народното движење за Македонија најавија дека во среда во 13 часот ќе достават листи на кандидати за пратенци.

Ваквата состојба не е предвидена во Изборниот законик, а од ДИК велат дека доколку се реализира сценариото ниедна партија да не достави листи на кандидати за пратеници, ќе се констатира состојбата, со забелешка дека не може да се одржат избори без кандидати за пратеници, по што сѐ е во рацете на Собранието.

Откако ќе ги добие листите, ДИК има 48 часа за да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.

ДИК, во вторник, одржа седница на која го разгледа Извештајот од регистарот на државјани доставен од Министерството за внатрешни работи, кој покажува дека е зголемен бројот на лица со право на глас односно полнолетните жители на Македонија на 1.958.844. Малолетни се 505.422 или вкупно МВР има регистрирано 2.464.266 државјани на Република Македонија.

Од дијаспората, до ДИК се пристигнати 6.686 пријави за гласање на македонски државјани кои престојуваат во странство. Сепак, можно е некој повеќе пати да се пријавил. За проверка е постапено по 3.190 пријави, но, има рок од уште три дена за обработка.

Од четирите најголеми партии, во законскиот рок, само ВМРО-ДПМНЕ достави предлог листа за членови на избирачките одбори. Според законот, Државната изборна комисија испразнетите места ги пополнува со лица вработени во државната администрација.

Во вторник на полноќ, заврши јавниот увид во избирачкиот список. Според роковникот, Државната изборна комисија, во рок од 5 дена, односно најдоцна до 14 мај, списокот го доставува до политичките партии, кои пак за пет дена од приемот до Комисијата можат да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.

макфакс