Нема теренска проверка на избирачкиот список по пријавите на граѓаните

Државната изборна комисија, на седницата во четврток вечер,  одлучи дека пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството за теренска проверка на списокот.

Image

Членовите на ДИК едногласно го изгласа упатството за теренската проверка на избирачкиот список, за кој претходно, членовите на ДИК одлучија дека пријавите од граѓаните за неправилности во избирачкиот список нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството.

Информираа дека преку интернет апликацијата за избирачкиот список, досега имало околу 3.000 пријави за неправилности од граѓани, а Комисијата разгледала помалку од една четвртина од нив, односно 683.

Членот на ДИК предложен од СДСМ, Игор Милев, предложи теренска проверка да се прави и по пријавите на граѓаните, откако ДИК ќе ги разгледа, а Бедредин Ибраими, кој е предложен од ДПА, го прифати неговиот предлог, но под услов граѓаните со пријавата задолжително да достават и документација која ќе послужи како доказ, но и двата предлози беа одбиени од мнозинството членови на Комисијата.

Дискусијата се водеше околу начинот на проверување на пријавите на граѓаните, дали тие да се третираат како барања или, пак, по службена должност. Ако се разгледуваат како барања, тогаш постапката ќе се усложни и пријавувачот ќе има низа постапки пред себе во кои мора да докаже некоја неправилност. Другиот начин е ДИК да ги разгледува по допрен глас и по службена должност да решава по нив во соработка со соодветна институција.

По речиси двочасовната пауза, членовите на ДИК ја одложијат седницата.

Правната служба во Комисијата ќе ги разгледува пријавите, по што најспорните ќе бидат разгледувани на седница на ДИК и допрва ќе се договора како да постапи со нив.

Пријавите на граѓаните, како што соопшти ДИК, се однесуваат за лице кое не е државјанин на Македонија, лице кое не поседува важечка лична карта или патна исправа, лице кое нема наполнето 18 години, лице кое е на привремена работа или престој во странство, лице кое има живеалиште на друга адреса, а претходно имало живеалиште на дадената адреса, лице кое е починато, лице кое не живее на одредената адреса, а нема податок дека има друго живеалиште.

Граѓаните на социјалните мрежи постојано споделуваат информации за „натрапници“ на своите адреси, иселени лица, починати гласачи, нелогичен број на станари на еден стан, регистрирани гласачи на адреси на институции, како и на амбасади.

Се уште во ДИК траат вкрстените проверки на бази на податоци од различни институции, а Комисијата најави дека првите резултати од тие проверки е можно да се објават викендов. По тоа треба да следи теренската проверка на проблематичните прашања што ќе произлезат од вкрстеното проверување.

Пред седницата, членовите на ДИК се сретнаа со премиерот Емил Димитриев, по што беше соопштено дека Министерството за внатрешни работи ќе формира работна група на државно ниво и осум на локално ниво коишто на дневна основа ќе одговараат на барањата на Државната изборна комисија, во врска со прашања поврзани со предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.