Охридските станоиздавачи не сакаат да формираат фирми

Охрид, 17 октомври, 2016 – 9:37 (META) 
5690204232_597291674f_z

Охридските станоиздавачи не сакаат да формираат фирми, како што е предвидено со предлогот за измени и за дополнувања на законските решенија за сместувачките капацитети.

Со новите решенија, капацитетите од типот на соба или апартман од физички лица треба да имаат најмногу пет соби во еден објект, а доколку располагаат со повеќе од пет соби, мора да се регистрираат како правно лице и да се категоризираат соодветно.

Измените на законот, доколу бидат прифатени, ќе засегнат околу 200 охриѓани кои во моментов се регистрирани дека издаваат повеќе од пет соби во еден објект.

Тие сметаат дека не треба да се намалуваат можностите на приватните станоиздавачи, кои, на тој начин, издржуваат голем број семејства. Од Владата бараат да не ги ограничува, туку да им помогне да ја развиваат дејноста.

Напоменуваат дека многу поголем проблем гледаат во станоиздавачите кои се сопственици на викенд-станови, а ги издаваат во сезона, за што е потребна ревизија.

На сличен став се и хотелиерите. Од нивната асоцијација – ХОТАМ, бараат да се изврши контрола на издадените решенија на голем број викендички, кои без оглед на тоа што имаат повеќе од 10 соби или 20 легла им се дозволува да вршат дејност како физички лица. Оттаму, сметаат дека токму тука е најголемата нелојална конкуренција за хотелите.

„Бесмислено е објекти со капацитети што надминуваат објекти од мал обем, од кои дел покрај сместувачки капацитети имаат и содржини како ресторан, бањи и слично, да функционираат како објекти за сместување од мал обем, а не како правни лица. Предлагаме да се изврши увид во регистрите на приватното сместување во општините и да се изврши контрола на сите вакви објекти, а на сите кои ги надминуваат пропишаните максимални капацитети за приватно сместување да им се наложи да се регистрираат како правни лица, односно пансиони, хотели, мотели и слично“, велат од ХОТАМ.