Патот за Рио де Жанеиро води преку Гдањск

Светската ракометна федерација (ИХФ), во текот на денот, треба официјално да ги соопшти домаќините на трите квалификациски турнири преку кои уште шест репрезентации ќе изборат пласман на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Image

Македонската репрезентација за олимписка виза ќе игра во Гдањск, Полска, иако постоеше можност домаќин да биде и Тунис, а и Македонската ракометна федерација изрази подготвеност да го организира турнирот.

ИХФ сепак на состанокот решила турнирот да се одржи во Полска, а покрај домаќинот и Македонија учесници ќе бидат Тунис и Чиле. Пласман на Олимпијадата ќе изборат најдобрите две селекции на турнирот, кој ќе се одржува од 8. до 10.април.

Според имињата на противниците, јасно е дека ракометарите имаат историска шанса да станат првиот македонски национален тим кој изборил пласман на Олимписки игри. Чиле е аутсајдер во групата, а пред една година Македонија на СП лесно излезе на крај со Тунис.