Полска 2016: Први победи за Русија и Германија

Репрезентациите на Русија и Германија ги забележаа премиерните победи на Европското првенство во ракомет, Данска стигна до вториот триумф, додека Словенија ремизираше со Шпанија.

Image

Словенија, во Ц групата, ја испушти шансата да забележи победа против фаворизираната Шпанија. Избраниците на Веселин Вујовиќ имаа три гола предност на полувремето (13:10). Шпанија успеа да се врати во мечот во второто полувреме, а во незивесната завршница Словенците ја испуштија победата. При водство од 24:23, Бомбач направи пробивање, а потоа најдобриот шпански играч на овој меч Агинагалде го постави конечниот резултат.

Лука Жвижеј кај Словенија и Хулен Агинагалде кај Шпанија беа најефикасни со по шест голови. Играчите на Вардар Македа и Душебав ги одиграа своите минути во ротацијата на Мануел Каденас, Македа постигна два гола, а Душебаев не успеа да се запише во листата на стрелците.

Во вториот меч во оваа група, Германија со голем пресврт во второто полувреме, најмногу поради брилијантниот голман Вулф, славеше над Шведска со 27:26, иако Швеѓаните на полувреме водеа со 13:17.

Вулф мечот го заврши со 14 одбрани, 11 во второто полувреме, а стрелците кај Германија ги предводеше Рајхман со девет голови. Гол помалку на споритвната страна постигна Јакобсон.

По две кола лидер во Ц групата е Шпанија со три бода, по два имаат Шведска и Германија, а Словенија е последна со еден бод. Во последното коло, на 20.јануари, ќе играат Германија-Словенија и Шпанија-Шведска.

Во Д групата, Русија ја изненади Унгарија забележувајќи победа 27:26 (14:10). Русите во текот на целиот меч имаа контрола врз играта и на крајот заслужено славеа.

Вардаровиот двоец Дибиров и Горбок со шест, односно пет гола го предводеа рускиот национален тим, а третиот вардарец Шишкарев постигна два гола. Кај Унгарците се истакнаа Жамали со шест и Наѓ со пет гола.

Данска, во вториот меч, по голема борба ја совлада Црна Гора 30:28 (14:16). Црногорците одиграа херојски натпревар против големиот фаворит, блескаше на голот поранешниот голман на Металург Раде Мијатовиќ (13 одбрани), но на крајот неискуството ги чинше барем еден бод.

Во последните пет минути Црногорците не реализираа три напади за израмнување при резултат 29:28.

Пикерот Грбовиќ со седум голови, без промашување, ја предводеше Црна Гора, а по четири гола постигнаа Борозан, Вујовиќ и Шеваљевиќ. Кај Данска најефикасен беше Егерт со шест голови, а по четири постигнаа Кристијансен, Хансен и Тофт Хансен.

Во пресерт на последното коло Данска има четири бода и е лидер во Д групата, по два бода имаат Унгарија и Русија, а Црна Гора е без освоен бод.

Во последното коло ќе играат Русија и Црна Гора, односно Данска и Унгарија