Попоски: Македонија делува како надворешна граница на ЕУ

Барањата за редуцирање на бранот мигранти ќе претставуваат дополнителен сериозен товар за земјите долж мигрантската рута и особено за Македонија која е ставена во незгодна позиција да делува како надворешна граница на ЕУ.

Image
Ова во вторник во Виена го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој учествува на конференција “Заедничко управување со миграцијата” на која учествуваа министрите за надворешни и внатрешни работи на земјите долж Западно-балканската мигрантска рута.

Клучна цел на конференцијата беше да се разговара за предизвиците и начините за изнаоѓање на сепфатен и координиран пристап помеѓу засегнатите земји кој истовремено ќе обезбеди меѓународна хуманитарна заштита на бегалците од воените подрачја, но и зајакната гранична контрола за спречување на премините од страна на лицата кои не потпаѓаат под оваа категорија.

Министерот Попоски подвлече дека конференцијата се случува во вистински момент со оглед на сигналите дека земјите членки на ЕУ кои се посакувана дестинација полека го достигнуваат својот капацитет за прием и се погласно бараат ограничување на протокот на мигранти.

Тој додаде дека Македонија е ставена во незгодна позиција да делува како надворешна граница на ЕУ и мора да воспостави кредбилен систем за регистрација на својата граница, иако мигрантите пристигнуваат од земја членка на Шенген која воедно е безбедна за прием на барателите на азил.

Потенцираше дека ЕУ треба веднаш да се соочи со реалноста на терен доколку сака да изгради заедничко договорено решение.

„Република Македонија во суштина веќе е на удар со оглед дека се соочува со зголемен притисок на јужната граница, но и спротивен проток на мигранти од север при што 700 мигранти од Авганистан се заглавени на македонска територија“, рече Попоски.

Според него, најдобро решение би било сите напори на ЕУ за регистрација, привремен престој, транзит и враќање да се концентрираат во Грција.

„Со оглед дека ниту една од транзитните земји нема капацитет сама да се соочи со ситуацијата, од исклучително значење ќе биде да се зајакне координацијата, меѓусебната комуникација и да се избегнат унилатерални чекори“, порача Попоски.

Тој упати повик да продолжи поддршката за Македонија во смисла на човечки и технички капацитети за што поуспешно да се справи со процесот на скрининг на својата граница. Во оваа насока од исклучително значење ќе биде обезбедување на линк и пристап до Еуродак базите на податоци на ЕУ.

„Македонија е најзаинтересирана да има добра соработка со Грција и таа да учествува и да биде дел од решението. Доколку сите заеднички потфрлиме во овие напори и не се преземат потребните чекори само се скратува денот кога секоја од засегнатите земји ќе започне да делува самостојно штитејќи ги своите национални интереси. Ова ќе биде поразително сценарио со оглед дека ќе ги стави под ризик долгогодишните придобивки и вложувања во безбедноста на регионот и неговите европски аспирации“, рече Попоски.