Романската обвинителка Ковеси заедно со Јанева во Скопје на конференција за корупцијата

Романската обвинителка која покрена истраги против високи функционери во Романија, Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител во Националниот директорат за антикорупција, заедно со Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во вторник ќе имаат свои обраќања на конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: прашање на личност или на систем“,  што ќе се одржи во вторник во 10.30 часот во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.

Image

Според програмата, амбасадорот на САД, Џес Бејли, министерот за правда, Аднан Јашари и првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, ќе имаа воведни обраќа.

Во програмата што ја испратија од МЦМС не е најавено дека свое обраќање ќе има Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Утринската сесија на конференцијата ќе ја отворат Ковеси и Јанева и ќе зборуваат за непристрасноста, интегритетот и ефикасноста во борбата против корупцијата на високо ниво.

Јоана Авадини, извршен директот на Центарот за независно новинарство од Романија, Руслан Стефанов, директор на економската програма при Центарот за изучување на демократијата од Бугарија, и Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернационал – Македонија, ќе зборуваат во попладневната сесија за индивидуалната наспроти колективната одговорност во борбата против корупцијата.

Во паузата  меѓу двете сесии, до 11:45 до 12:15 е планирано времето за прес-конференција и изјави за медиумите.

Конференцијата ја организира програмата на УСАИД за борба против корупцијата ја спроведува МЦМС со партнерите: Институтот за демократија Социетас цивилис  Скопје (ИДСЦ), Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар (АДИ).

Во 2003 година Романија го основа Националниот антикорупциски директорат (НАД), канцеларија на јавниот обвинител со задача да се бори против корупцијата и митото. Првично целта на НАД беа личности од пониско ниво, но за неколку години таа почна да нишани многу повисоко, и соодветно се зголеми бројот на луѓето на високи функции што беа осудени за мито од над 10.000 евра.

Минатата година 1.138 поединци, меѓу кои политичари, бизнисмени, судии и обвинители, беа осудени за корупција во Романија, во споредба со 155-те во 2006 година. Меѓу нив имаше 24 градоначалници, пет пратеници, двајца поранешни министри и еден поранешен премиер, а да не ги споменуваме и седумте судии и 13-те обвинители. Меѓу осудените имаше политичари од сите бои, без оглед на партиската припадност.