Саити: Парите ќе се делат на сметка на секој корисник по проценка на штетите

Парите што до сега се собрани во Црвен Крст, (650 илјади евра на двете сметки) стојат на страна и никој не смее да ги чепне без одлука на извршен одбор и без критериуми за поделба, информираше генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.

Sait-Saiti1-860x680

– За да почнеме да трошиме пари мораме да имаме инструмент со кој ќе ја утврдиме потребата на луѓето. Деновиве се спроведуваат проценка и увид , потоа Бирото за судски вештачења ќе направи проценка на штета, која ќе ја споредиме со нашите проценки од терен. Тогаш ние ќе знаеме на кого да ги поделиме средствата. Парите ќе се делат на трансакциска сметка на секој корисник – вели Саити во соопштението испратено до медиумите.

За дилемите околу средствата кои стигаат од странски држави, Саити информира дека досега имаат добиено пет илјади евра од бугарскиот, седум илјади евра од словенечкиот и денеска треба да добијат 10 илјади евра од босанскиот Црвен крст.

Саити вели дека најавените 500 илјади евра помош од Австрија, би требало да бидат во вид на заеднички проект меѓу македонскиот и австрискиот Црвен крст. Австријците ќе одлучат како ќе се трошат нивните пари, а македонската организација ќе биде само нивна логистика во земјава.

– Исто така, Црвениот крст на Македонија, во вакви ситуации, прави апел за собирање на средства во „итните фондови за одговор“ кои може да изнесуваат максимум 300 илјади франци. Тоа е направено вчера, очекуваме денеска да ни ги одобрат. Со тие пари ќе набавиме дополнително количество храна, хигиенски средства и останат и потреби кои се проценети на терен. Средствата кои се пријавуваат дека се праќаат како помош од странство одат во тој фонд во Женева и од таму ќе ги добиеме тие пари. Тоа се европски механизми кои се јасни и транспарентни и не можете никого да лажете – објаснува Саити.

Тој вели дека Црвен крст секогаш работел максимално транспарентно, коректно и со увид на јавноста.

– Овој пат не ставија во машина без потреба. Ова се случува во услови во државата кога имаме максимално исполитизирано општество и различни интереси. Ние не сме ни владин, ни провладин, ни опозициски, туку сме Црвен крст на Република Македонија – вели тој.

Тој ги отфрла обвинувањата дека постоела селективност во делењето помош. Вели дека нивните волонтери не биле единствени кои носеле помош. Освен роднини и пријатели, помош носеле и партиски активисти и тоа не треба да се припишува на Црвениот крст.