СДСМ бара итна вонредна седница на Советот на Град Скопје заради загадувањето

Советничката група на СДСМ и коалицијата во вторник побара итна вонредна седница на Советот на Град Скопје, со единствена точка на дневниот ред: воведување на вонредни мерки за намалување на загаденоста на воздухот.

Image

„Бараме вонредната седница да се одржи во деновите помеѓу новогодишните и божиќните празници. На вонредната седница, ќе бараме да се усвојат предлог вонредни мерки со кои загаденоста времено би се довела во понормални рамки“, рече Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ.

Како дел од вонредните мерки што ги побара се итен прекин на сите градежни активности во Скопје, бесплатен јавен превоз за сите во деновите со голема загаденост, воведување пар-непар систем на возење, контроли кај сите субјекти кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола.

Овие мерки, според Манчевски, би биле на важност сè додека вредноста на индексите на загадувањето не се намалат во законски предвидените рамки.

„Воедно, ќе побараме и амандмани на Буџетот на Град Скопје за 2016 година, за воведување на мерки и политики кои долгорочно би помогнале во намалувањето на загаденоста на воздухот што го дишат скопјани. Ќе побараме субвенции за граѓаните за чисти извори на енергија, енергетска ефикасност, велосипеди, и слично“, порача Манчевски.

Тој уште побара и неотповиклива оставка од скопскиот градоначалник Коце Трајановски заради, како што рече, непреземањето мерки за намалување на загадувањето.