Според заработката „Кунг Фу Панда“ го надмина „Повратник“

Третото продолжение од анимираниот филм „Кунг Фу Панда“ бил најгледаниот изминатиот викенд во Соединетите држави.

Image

„Кунг Фу Панда 3“, во кој гласовите ги позајмуваа холивудските ѕвезди како Џек Блек, Анџелина Џоли и Дастин Хофман, заработил 41 милион долари првиот викенд од прикажувањето, според податоците на специјализираните агенции.

Филмот „Повратник“, минатата седмица награден со Златен глобус и еден од фаворите за Оскара за најдобар филм, е на второто место со 12,4 милиони долари. Филмот во кој според критиките блеснува Леонардо ДиКаприо кој се надева на првиот Оскар за најдобра улога во кариерата, се прикажува веќе шеста седмица и во САД вкупно заработил 138,2 милиони долари.

На третото место сé уште се држат „Ѕвездени војни: Силата се буди“, со 10,8 милиони долари во текот на штотуку завршениот викенд. Во дистрибуција е веќе седум седмици за кои на домашниот американски пазар заработил 895,5 милини долари и според овој критериум е на првото место во историјата на филмот.

Со заработката надвор од американскиот континент, на последното продолжение од серијалот „Ѕвездени војни… “ му недостигаат уште 15-ина милиони долари за да ја надмине бариерата од две милијарди долари заработка, со што ќе стане првиот филм во историјата кој тоа го остварил за толку кус период.