Спортисти ќе умираат поради забраната на мелдониумот

Производителот на лекот мелдониум тврди дека спортисти ќе умираат на терените поради забраната на овој лек, пренесува британскиот сервис BBC. Пошироката светска јавност за овој лек дозна во понеделникот, кога Марија Шарапова објави дека била позтивна токму на овој лек. Инаку, мелдониумот од 1 јануари се наоѓа на листата на забранети супстанци на Светската антидопинг агенција (WADA).

Image (4)

Лекот мелдониум, кој е познат и како милдронат, го користат луѓе кои имаат проблеми со дијабетесот и кои имаат разни срцеви проблеми.

„Ќе гледаме непријатни работи на терените. Спортистите кои користат милдронат нема да можат да го прават тоа во иднина, што значи дека нема да бидат заштитени. Овој лек на пазарот се наоѓа 32 години и одеднаш е забранет. Би можеле да бидеме сведоци на ненадејни смртни случаи на спортските терени“, тврди човекот кој го измислил лекот, Ирвис Калвинс.

Мелдониумот го произведува компанија во Летонија, се употребува во Литванија и Русија, а во САД е забранет. Овој лек се користи за исхемиски болести на срцето, односно кај ангина пекторис и овозможува подобар проток на кислород низ клетките и ги шири крвните садови. Оние кои го употребуваат имаат поголема издржливост при зголемени физички напори.

Од почетокот на годината, неколку спортисти биле позитивни на овој лек, а меѓу нив и светската шампионка во атлетика на 1.500 метри Абеба Арегави, светскиот рекордер на 500 метри во брзо лизгање, Русинот Павел Кулижников, руската лизгачка Екатерина Боброва. Инаку 13 освојувачи на медали на Европските игри во Баку, кои се одржаа минатата година, го употребувале лекот мелдомиум.

макфакс