Србија ги отвора првите поглавја од преговорите со ЕУ

По речиси две години од формалното започнување на преговорите со Европската унија (ЕУ), Србија во понеделник ги отвора првите две од вкупно 35 поглавја во преговорите за членство во Унијата, пренесуваат српските медиуми.

Image

На меѓувладина конференција вечерва во Брисел ќе бидат отворени поглавјето 35 за нормализација на односите со Приштина и поглавјето 32 кое се однесува на финансиската контрола, а двете страни, Србија и ЕУ, ќе ги разменат преговарачките позиции. Извори од Брисел за српската агенција Бета потврдиле дека амбасадорите на членките на ЕУ целосно ги усогласиле позициите за овие две поглавја.

Процедурата на преговорите со Србија е најслична со онаа којашто се применува за Црна Гора, со оглед на тоа што за овие две земји е воведено правилото поглавјата 23 и 24, за правосудство, безбедност и човекови права да бидат отворени меѓу првите и да се затворат меѓу последните, а евентуалниот застој во овие две поглавја би можел да има влијание врз целиот тек на преговорите.

Ситуацијата за Србија е уште поспецифична со оглед на тоа што во поглавјето 35 се следи нормализацијата на односите со Приштина и за земјата има исто значење како и поглавјата 23 и 24. Овие поглавја пак, според очекувањата во Белград и Брисел, треба да бидат отворени во првата половина на 2016-та година.

Српскиот премиер Александар Вучиќ и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во пресрет на отворањето на првите поглавја изјавиле дека српската страна е „апсолутно подготвена“ и сака да ги заврши преговорите до крајот на 2019-та година. Претставниците од Европската комисија (ЕК), во фазата на скрининг процесот биле согласни дека српските власти се добро подготвени и дека српската државна управа е подготвена да го поднесе товарот од долгите и напорни преговори.

Српските медиуми коментираат дека тешко е да се предвиди за тоа колку ќе траат преговорите бидејќи тоа зависи пред се од подготвеноста на самата земја и усогласеноста на законодавството со она на ЕУ. Понатаму, важна улога игра и брзината на исполнувањето на поставените услови за отворање или затворање на поглавјата, но и од евентуалните билатерални спорово си одредени членки на ЕУ, кои би можеле да го блокираат текот на преговорите бидејќи за секој нов чекор одлучуваат сите членки на Унијата.

Преговорите на најмладата членка на ЕУ, Хрватска, траеја шест година, а Црна Гора, која преговорите ги започна во 2012 година, досега отвори 20 поглавја а привремено затвори две од вкупно 35 преговарачки поглавја.