СЈО бара налог за претрес, наредба за апсење и предлог за притвор на лице од УБК

Специјалното јавно обвинителство издало налог за претрес, наредба за лишување од слобода, а поднесен е и предлог за притвор за лице вработено во Управата за безбедност и контраразузнавање, потврдија од СЈО.

 Image

За денеска, среда, најавија подетални информации, а неофицијално, според медиумите, лицето од УБК по кое се трага е началникот на петтата управа Горан Груевски, кој во моментов не е достапен за СЈО, а полицијата го бара за да овозможи негово сослушување.

СЈО доставило барање до судијата на претходна постапка да даде налог за претрес во домот на бараното лице со цел да се обезбедат докази, но судијата одбил, по што СЈО издало налог тој да биде обезбеден за распит.

Горан Груевски е началник на петтата управа при МВР и близок соработник на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков. Пред осум месеци Јавното обвинителство заедно со Мијалков соопшти дека Груевски бил испитан во врска со аферата со прислушувањето. Потоа сите предмети преминаа во надлежност на СЈО.

Во февруари 2015, кога СДСМ почна да ти објавува ткн. „бомби“, лидерот на СДСМ Зоран Заев, рече дека поднеле кривична пријава против Горан Груевски, Сашо Мијалков и против непознат сторител, за незаконско масовно прислушување од луѓе вработени во безбедносните служби на МВР, кога во период од неколку години биле прислушувани илјадници граѓани.