Техно соработка меѓу Едвард Сноуден и Жан-Мишел Жар

Францускиот композитор зачетник на електронската, амбиентална и њуејџ музика и воедно сопственик на голема технолошка компанија, Жан-Мишел Жар за неколку седмици ќе го издаде својот нов албум под насловот „Electronica 2: The Heart of Noise“, на која соработуваше со веќе подзаборавените Pet Shop Boysi, Синди Лопер, Гери Њумен и со уште триесетина музичари, а неочекуван гостин на неговиот проект е и поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, кој го разобличи масовното следење на комуникациите на милиони луѓе и светски челници од страна на американските разузнавачки служби, пишува списанието Billboard.

Image

Гласот на поранешниот аналитичар на американските тајни служби Жан-Мишел Жар го искористил во нумерата „Exit“.На сите кои се надеваат дека ќе го слушнат Едвард Сноуден како пее, продуцентите им порачуваат дека во шестминутната композиција ќе го чујат како изговара реченици за слободата на говорот и правата на приватност. Имено, овој млад Американец снимил неколку реченици кои ќе се повторуваат низ песната како техно подлога.

Шеесет и седумгодишниот Жар и Сноуден, кои пред извесен период се сретнале во Русија, каде што вториот ужива привремен азил, откако поради блокадата на САД не успеа да замине од Хонгконг преку Москва во Јужна Америка, се запознале преку новинар на The Guardian со кој Сноуден соработувал. Овој британски дневен весник беше еден од медиумите преки кои Сноуден ги објавуваше доверливите документи за американските разузнавачки служби.

Во едно од интервјуата, Жар побара да у се овозможи контакт со Сноуден, бидејќи „го препознал во една своја техно композиција“. По многуте преговори, Американецот се согласил да учествува во проектот, бидејќи вели дека е голем поклоник на техно музиката.

Инаку „Electronica“ е проект во два дела кој собира вкупно 30 соработници. Првиот дел под наслов „The Time Machine“, на кој на 16-те нумери гостуваат музичари и состави како Винс Кларк, Пит Таузенд, Лори Андерсон, Џон Карпентер, Масив атак, Армин ван Барен се појави во октомври минатата година.