Тројца поранешни управители на Фукушима на суд

Тројца поранешни управители на јапонската нуклеарна централа Фукушима официјално се обвинети за пропусти во несреќата во 2011 година, објави во понеделник BBC.

Image
Тројцата некогашни управители на Токио Електрик Пауер Ко(Тепко) ќе бидат првите што ќе одат на суд заради несреќата откако цивилниот правосуден панел минатата година заклучи дека треба да им се суди, барајќи обвинителите да го испитаат случајот. Токиските обвинители двапати се откажаа од тужба, наведувајќи како причина недостаток на докази.

Но, одлуката на панелот повлекува со себе задолжително покренување на обвинение. Панелот смета дека тројцата мажи никогаш не ги преземале потребните мерки и покрај тоа што биле предупредени од ризикот за цунами во близина на нуклеарката Фукушима. Тие наводно ќе се изјаснат дека не се виновни, со образложение дека не можеле да ги предвидат размерите на цунамито.

Нуклеарката Фукушима Даичи претрпе редица дефекти по силниот земјотрес и цунамито. Речиси 16.000 луѓе починале, а 2.500 се водат како исчезнати.

Ниту еден смртен случај не е директно поврзан со нуклеарната катастрофа, и покрај тоа што многу луѓе настрадаа за време на евакуацијата.