УНИЦЕФ: Најзагрозените деца во свет ги очекува сиромаштија, неписменост и предвремена смрт

Врз основа на сегашните трендови, 69 милиони деца под пет години ќе починат поради причини што најчесто може да се спречат, 167 милиони деца ќе живеат во сиромаштија, а 750 милиони жени ќе бидат во детски брак до 2030 година, целниот датум за Целите на одржлив развој – освен ако светот повеќе не се насочи кон маките на најзагрозените деца, се вели во извештајот на УНИЦЕФ, објавен во вторникот.

Image

Состојбата на децата во светот, главниот годишен извештај на УНИЦЕФ, дава целосна слика за она што им претстои на најсиромашните деца во светот доколку владите, донаторите, компаниите и меѓународните организации не ги забрзаат напорите за решавање на нивните потреби.

„Негирањето фер шанса во животот за стотици милиони деца е повеќе отколку само закана за нивната иднина – преку потхранување на меѓугенерацискиот циклус на обесправеност се загрозува и иднината на нивните општества“, рече извршниот директор на УНИЦЕФ Ентони Лејк. „Ние имаме избор: да инвестираме во овие деца сега, или да дозволиме нашиот свет да стане уште понерамноправен и поподелен“, додаде тој.

Во извештајот се наведува дека е постигнат значителен напредок во спасувањето на животот на децата, нивното одење на училиште и извлекувањето на луѓето од сиромаштија. Светските стапки на смртност кај децата под пет години се повеќе од преполовени од 1990-та година, машките и девојчињата посетуваат основно училиште во еднаков број во 129 земји, а бројот на луѓе во светот кои живеат во екстремна сиромаштија е речиси половина од она што беше во 1990-тите.

Но, ваквиот напредок не е ниту рамномерен, ниту фер, се вели во извештајот. Најсиромашните деца имаат двапати поголеми шанси да починат пред својот петти роденден и да бидат хронично потхранети отколку најбогатите. Во голем дел од Јужна Азија и супсахарска Африка, децата родени од мајки без образование имаат речиси 3 пати повеќе шанси да умрат пред да наполнат 5 години во споредба со оние родени од мајки со средно образование. А девојчињата од најсиромашните домаќинства имаат двапати поголема веројатност да се омажат како деца отколку девојчињата од најбогатите домаќинства.

Перспективата не е никаде помрачна отколку во супсахарска Африка, каде најмалку 247 милиони деца – или 2 од 3 – живеат во повеќедимензионална сиромаштија, лишени од она што им треба за да преживеат и да се развиваат, и каде што речиси 60 отсто од 20 до 24 годишниците од најсиромашната петтина на населението има помалку од четири години школување.

Со сегашните трендови, се проектира во извештајот, до 2030 година, на супсахарска Африка ќе отпаднат: речиси половина од 69 милиони деца кои ќе умрат пред својот петти роденден поради причини кои најчесто може да се спречат; повеќе од половина од 60 милиони деца на училишна возраст кои сé уште не одат на училиште; и 9 од 10 деца кои живеат во екстремна сиромаштија.

Иако образованието игра голема улога во изедначување на условите за учество на децата, бројот на деца кои не одат на училиште е зголемен од 2011-та година, а значителен дел од оние кои одат на училиште, не учат. Околу 124 милиони деца денес не одат во основно и во пониските класови на средно училиште, а речиси 2 од 5 кои го завршуваат основното училиште не научиле да читаат, пишуваат или да сметаат.

Во извештајот се укажува на докази за тоа дека инвестирањето во најранливите деца може да донесе непосредна и долгорочна корист. На пример, се покажа дека паричната помош им помага на децата да останат во училиште подолго и да преминат во повисоки степени на образование. Во просек, секоја дополнителна година образование што детето ќе ја добие ги зголемува неговите приходи како возрасен за околу 10 проценти. А за секоја дополнителна завршена година на школување од страна на младите луѓе во земјата, стапката на сиромаштија во таа земја опаѓа во просек за 9 проценти.

Нееднаквоста не е ниту неизбежна, ниту несовладлива, се тврди во извештајот. Подобрите податоци за најранливите деца, интегрираните решенија за предизвиците со кои се соочуваат, иновативните начини за решавање на старите проблеми, поизедначените инвестиции и зголемувањето на учеството на заедниците – сите овие мерки може да помогнат да се изедначат условите за учество на децата.