Филмот „Раѓањето на нацијата“ за бунтот на робовите награден на Санденс

 Американскиот филм „Раѓањето на нацијата“, драма којашто раскажува за бунтот на робовите во XIX век во американската сојузна држава Вирџинија, ја однесе главната награда на реномираниот фестивал на независниот филм Санденс, чиј основач е славниот американски актер и режисер Роберт Редфорд.

Image
Филмот, за кој „Fox Searchlight“ ги откупи правата за рекордна сума од 17,5 милиони долари, ја освои големата награда на жирито и наградата на публиката кој традиционално се одржува во Парк Сити, мало зимско одморалиште во планините во државата Јута. Насловен е по класичниот, но и озлогласен како расистички филм на Дејвид Лејвелин Ворк Грифит од 1915 година.

„Ти благодариме Санденс, што ни даде платформа на којашто можеме да растеме, и покрај тоа што го прави остатокот од Холивуд“, изјави авфроамериканскиот режисер Нејт Паркер примајќи ја наградата за својот филм во саботата навечер.

Доделувањето на оваа награда, имено, дојде во екот на полемиките за недоволната застапеност на црните актери и актерки меѓу дваесетте финалисти на свеченото доделување на Оскарите. Всушност, втора година по ред, ниеден црн филмски уметник не е номиниран во ниедна категорија за најпрестижните филмски награди.

Големата награда на жирито за американски документарен филм му припадна на „Weiner“, сторија за неуспешното враќање на конгресменот Ентони Вејнер во политиката во 2013 година, кога мораше да поднесе оставка во Конгресот по скандалот за испраќање смс пораки со сексуална содржина.

Филмот „Џим: Приказната за Џејмс Фоли“, документарецот за американскиот новинар кој во 2015 година го обезглавија џихадистите од Исламската држава во Сирија, ја доби наградата од публиката во категоријата американски документарен филм.

Во категоријата странски филмови, големата награда на жирито му припадна на „Песочни бури“, израелски филм за тешкотиите со кои се среќаваат жените во бедуинско село, а наградата на публиката ја доби колумбискиот филм „Меѓу морето и копното“, приказна за човекот кој болеста ги приковала за постелата и го негува мајката.

Во групата странски документарни филмови наградите на жирито и на публиката ги доби „Сонита“ на иранската режисерка Рохсарех Гаем Магами, филм за 18-годишната бегалка од Авганистан која живее во иранската престолнина Техеран и сонува да стане новата Ријана.

На фестивалот Санденс, кој траеше од 21-ви до 31-ти јануари, учествуваа околу 120 играни и документарни филмови на независни продуценти кои зборуваат за актуелни теми, како што се прашањето на абортусот, вооруженото насилство во САД и хомосексуалност.

Ваквите филмови сé потешко наоѓаат финансиска поддршка во САД во конкуренцијата со големите научнофантастични, акциони и слични продукции врзани со франшизи и со големи буџети.

Годинава на Санденс беа пријавени повеќе од 12.700 филмови во четирите категории. Според организаторите на затворањето на фестивалот во неделата, беа прикажани остварувањата на режисери до 37 земји од светот, и притоа 48 се дебитантски режисерски дела.